Дигитализацијата и промоцијата на културното наследство на Охрид е целта на Проектот „Управување со меѓурегионалното културно наследство, Е-системи“ – IRC-CERMES имплементиран од Општина Охрид во партнерство со Кипарскиот универзитет за технологија, Центарот за истражување и иновации за комуникации и технологии од Атина, општините Самос и Крф од Грција, „ЕЛЕТ“ од Грција и општина Ѓирокастро од Албанија.

Како дел од предвидените активности, денес во Охрид беше организиран Инфо ден за промоција на проектот. На настанот се обрати градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски. 

  • Особено сум задоволен што спроведувањето на овој проект во Охрид се совпаѓа со нашите напори и планови за подобрување на состојбата со зачувување на природното и културното наследство во регионот на Охрид и зачувувањето на статусот на УНЕСКО. Со низа мерки и активности веќе ја започнавме битката за зачувување на Охрид и преку посветена работа ќе вложиме максимални напори да спречиме понатамошна деградација и уништување на овој регион и ќе се обидеме да ги санираме сите штети направени во минатото. Убеден сум дека ќе успееме да го добиеме целиот овој процес и дека нашиот регион ќе биде позитивен пример за исполнување на сите препораки што ни ги даде Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за зачувување на статусот на заштитената област, рече Георгиевски.

Покрај дигитализацијата на културното наследство, проектот има за цел да придонесе за развој на културниот туризам и да ги едуцира младите и туристите за важноста на културното наследство. Како резултат на проектот, општина Охрид се очекува да добие, за прв пат, дигитална мапа на културното наследство, која ќе вклучува околу 130 објекти од особено културно значење за градот. Податоците од овој систем можат да се користат за туристичка промоција, но и за други потреби на општината.  

From https://www.ohridnews.com/digitalizaci-a-i-promoci-a-na-kulturnoto-nasledstvo-vo-ohrid/

 

Share this Post